Пингвините се одлично прилагодени на водниот живот. Крилата им еволуирале во перки, неупотребливи за летање во воздух, но всушност пингвините нуркаат под вода како да летаат. Пловноста им е зголемена бидејќи задржуваат слој од воздух внатре во ситните пердуви кои им го покриваат телото. Овој слој од воздух им обезбедува и изолација во студените води. На суво, пингвините одржуваат исправена положба и рамнотежа со помош на крилата и опашот.
Сите пингвини се двобојни, одзади црни, а однапред бели, што им обезбедува камуфлажа од водните предатори. Додека пливаат, гледани одоздола белата боја се претопува со одблесокот од површината, а одозгора црната боја се претопува со темното дно.
Пингвините нуркаат со брзина од 6-12 км/ч, но понекогаш можат да достигнат и до 27 км/ч. Малите пингвини не нуркаат многу длабоко, но големите можат да нурнат и до 500-600м. Можат да останат под вода повеќе од 20 минути.
При движењето на суво, пингвините или се тетерават на двете нозе, или се лизгаат на стомакот. По потреба можат да скокнат на двете нозе.
Дебелиот слој од ситни пердуви ги изолира во вода и на суво. Можат и да го контролираат дотокот на крв во екстремитетите, со што ја регулираат загубата на топлина. На Антарктикот во суровите зими, забележано е дека пингвините се собираат во групи стиснати еден до друг, со што се штитат од суровиот студен ветер. Покрај тоа, постепено и си ги менуваат местата во групата, така што секој од нив дел од времето е и во средина и на крајот од групата.
Можат да пијат солена вода бидејќи имаат посебна супраорбитална жлезда која делува слично на бубрезите и ја филтрира солта од крвта.Солта потоа се излачува како концентрирана течност низ носните канали.
Кога ќе се разделат од партнерот или од младенчето, пингвините се наоѓаат со довикување, дури и во многу големи јата.
Средба на пингвин и луѓе за време на Арктичкото лето.
Се чини дека пингвините немаат особен страв од луѓето и слободно им приоѓаат на истражувачите. Веројатно ова произлегува од фактот што пингвините немаат сувоземни природни непријатели, особено во пределите на Антарктикот. Најголем природен непријател на пингвините се леопард-фоките и други морски грабливци (ајкули, орка-китови итн.).